Top Sport

Албански функционер уапсен под сомнение дека извршил кражба во домот на Бензема

Неверојатна вест доаѓа од Шпанија. Висок функционер на албанската влада е уапсен од албанската полиција во операција координирана од Интерпол по судската истрага во Ла Коруња. Алфред Продани (41) е уапсен во градот Лачи и треба да биде екстрадиран во Шпанија за да му се суди за наводен насилен грабеж во десетици домови во Шпанија, вклучувајќи го и оној на Карим Бензема.

Францускиот напаѓач стана жртва на напад на 27 февруари 2019 година додека го играше познатото Ел Класико против Барселона на „Сантијаго Бернабеу“. Се играше полуфинале во Купот на Шпанија, а по последниот судиски свиреж Бензема доби информација дека во неговиот дом се случил жесток грабеж. Според властите, зад ова дело наводно стои Продани, кој е обвинет и за 40 други грабежи во Шпанија од 2013 година.

Обвинетиот е владин функционер кој со години бил директор на јавното водостопанство во Курбин, а на функцијата дошол поради врски со албанската социјалистичка влада.

„Краде од Бензема, а тие го поставуваат за директор. Ако успее да го ограби Меси, ќе го назначат за министер“, изјави Крешник Спахиу, лидер на националистичката партија „Црвено-црна алијанса“.

Апсењето, според албанскиот печат, доаѓа три години откако поранешниот министер на земјата директно го обвини Продани дека е виновен за грабежите.

Сали Бериша уште во 2019 година тврдеше дека обвинетиот ја ограбил куќата на Бензема со помошници, но Продани ги негираше таквите наводи. Вкупно, тој е осомничен за околу 40 кражби низ Шпанија.

Scroll to Top