Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри во неделата го доби трофејот од Серија А на заминување, откако „старата дама“ во петокот потврди дека тој не останува на клупата следната сезона, иако имаше договор до јуни 2020.
Алегри по 1:1 ремито со Аталанта на домашен терен, зборуваше за тоа кога првпат сфатил дека нема да биде тренер на Јуве следната сезона.
„Зборував со претседателот Ањели по елиминацијата од Ајакс во Лигата на шампионите и тогаш имавме планови да продолжиме, но последните шест недели повторно се среќававме и дојдовме до ист заклучок. Не се зборуваше за договори и за такви работи, туку за тоа што е добро за Јувентус и дали е потребна промена. Подобро да заминеме вака со титула, отколку во октомври да налетаме на проблеми. Ми кажаа конечно во петокот наутро, но по состанокот кој го имавме во четвртокот знаев дека е готово“, вели Алегри.
Тој посочи дека не сака да „одмара“ од фудбалот предолго и дека е јасно дека бара нова работа.
„Не ми се допаѓа да земам цела година одмор. Би паузирал само ако морам, така што сакам да најдам проект во кој верувам. Животот е полн со изненадувања и треба да бидеш подготвен за сè“, додава Алегри.