Top Sport

Мбапе: Можеби мојата иднина не е во ПСЖ

Иднината на француската фудбалска мегаѕвезда Килијан Мбапе во Пари Сен-Жермен не е најсигурна, откако напаѓачот изјави дека се наоѓа на „пресвртница“ во својата кариера и побара поголема одговорност во францускиот клуб.

Зборувајќи при примањето на наградата за најдобар фудбалер во француската Лига 1, 20-годишниот Мбапе порача дека му е потребна поголема улога во играта, но посочи дека тоа може да биде во ПСЖ или „некаде на друго место“.

„Секако имаше неколку разочарувања оваа сезона, но тоа е дел од фудбалот, успеавме да ја освоиме лигата и да останеме шампиони.  Би сакал да се заблагодарам на сите соиграчи, на тренерот и на клубот, но ова е важен момент за мене бидејќи дојдов до втората пресвртница во кариерата. Научив многу работи во Париз и сега е време да имам поголема одговорност. Се надевам дека тоа ќе биде во Пари Сен-Жермен бидејќи ќе ми претставува огромно задоволство, но можеби ќе биде некаде во нов проект“, изјави Мбапе.

Тој веднаш беше запрашан дали ова значи дека следната сезона може да игра за нов клуб.

„Го кажав тоа што го кажав. Во вакви пригоди можеш да пратиш порака и мислам дека ја пратив мојата. Ако зборувам повеќе ќе биде премногу и тоа не е пораката која сакам да ја пратам“, вели Мбапе, кој дојде во ПСЖ од Монако во 2017 година.

Scroll to Top