Јувентус ја одигра една од најлошите сезони во поновата историја. Тимот на Масимилијано Алегри заврши на седмото место во Серија А, со што се пласираше во Конференциската лига.
Навивачите на Јувентус на социјалните мрежи побараа тренерот Алегри да го напушти клубот. Алегри нема намера да им ги исполни желбите, веќе започнал да се подготвува за следната сеозна.
„Нема преговори за моето заминување бидејќи имам уште две години од договорот. На клубот му стојам на располагање да направам програма и да работам со она што ми е ставено на располагање, како и секогаш. Како и сите други, сега ми треба малку одмор“, изјави тренерот на Јувентус за „Скај спорт Италија“.
Доколку Алегри си замине, прв фаворит за преземање на Јувентус е Игор Тудор, пишуваат „Калчомеркато“ и „Тутоспорт“.
Тудор е и поранешен играч и помошник тренер на Јувентус, што многу му ги зголемува шансите бидејќи добро го познава клубот, тврдат Италијанците. Од 1998 до 2007 година Тудор беше член на Јувентус како играч, а од 2020 до 2021 година работеше како помошник на тогашниот прв тренер Андреа Пирло.