Чилеанскиот селектор Реиналдо Руеда вели дека очекува Интер да биде без услугите на Алексис Санчез „два-три месеци“, откако напаѓачот ги повреди лигаментите на скочниот зглоб при 0:0 ремито со Колумбија, оценувајќи дека ќе биде потребна операција за да се корегира проблемот.
„На крајот, може да заврши под нож. Тоа ќе го одлучи неговиот клуб, но секако ќе биде во аут два-три месеци. Вистинска штета бидејќи повторно почна да игра со Интер и постигна два гола, а играше и во Лигата на шампионите. Тој беше среќен и мотивиран, сега ќе мораме да чекаме за проценка“, вели Руеда.
30-годишниот Санчез се обидуваше да ја врати кариерата на вистински пат по кошмарната сезона и пол со Манчестер јунајтед. Тој останува фудбалер на Јунајтед, бидејќи во Интер е на едногодишна позајмица додека премиерлигашот плаќа голем дел од неговата висока плата.