Македонскиот репрезентативец Езѓан Алиоски вели дека победничкиот менталитет на новиот менаџер на Лидс јунајтед, Марсело Биелса е заслужен за одличниот старт на сезоната во Чемпионшип, по што се „подгреаа“ надежите за враќање во Премиер лигата.
Лидс загубија првпат оваа сезона во саботата (2:1 од Бирмингем сити) и Алиоски зборуваше за влијанието на менаџерот пред следниот меч против Шефилд венсдеј.
„Кога Биелса ти е менаџер, подобро да не губиш. Тој мрази да губи. Ни зборуваше и ни кажа што мораме да подобриме. Следниот пат кога ќе загубиме ќе имаме тешка недела со него“, вели Алиоски.
Македонецот, кој има постигнато три гола оваа сезона, вели дека овој однос на аргентинскиот стручњак прави добро за тимот.
„Тука е самодовербата. Сите фудбалери мораат да веруваат во успех, да работат напорно и да ја направат вистинската работа ако сакаме да сме на врвот“, додава Алиоски.