Top Sport

Алварез ги врати Сити на врвот, Јунајтед и Њукасл блиску до место во ЛШ

Манчестер сити по долга пауза повторно се лидери во англиската Премиерига, откако се вратија со три поени по 2:1 триумфот на гости кај Фулам на „Крејвен котиџ“, за да имаат поен предност пред Арсенал и тоа со еден натпревар помалку.

Манчестер јунајтед и Њукасл пак, остварија тешки домашни победи за да се зацврстат на позициите кои носат во Лигата на шампиони, додека Лидс и Саутемптон се поблиску до Чемпионшип.

По само три минути игра во Лондон, Сити дојде во водство со гол од пенал на Ерлинг Халанд, за кого ова беше 34. гол во ПЛ, израмнувајќи го рекордот на Енди Кол и Алан Ширер, и вкупно неверојатен 50. гол во сите натпреварувања. Меѓутоа, Карлос Винисиус во 15. минута израмни на 1:1. Трите поени ги осигура најдобриот млад фудбалер од СП во Катар, Хулијан Алварез.

На „Олд Трафорд“, Манчестер јунајтед повторно не ги искористи сите шанси во првото полувреме, но дојде до 1:0 победа на Астон вила, благодарение на голот на Бруно Фернандеш во 39. минута, додека Њукасл се врати од 0:1 негатива за 3:1 победа над Саутемптон.

ПРЕМИЕРЛИГА, 34.КОЛО
Фулам – Манчестер сити 1:2
Борнмут – Лидс 4:1
Манчестер јунајтед – Астон вила 1:0
Њукасл – Саутемптон 3:1

Scroll to Top