Top Sport

Амрабат играше за Мароко со потрес на мозокот?

Мароканскиот селектор Ерв Ренар ја бранеше одлуката во својот состав за дуелот со Португалија да го стави во тимот Нордин Амрабат, само пет дена откако крилото доби потрес на мозокот во мечот против Иран.

„Амрабат е воин! Сакаше да игра и имам среќа што имам таков фудбалер. Јас не сум доктор. Медицинските извештаи ги читаат компетентните луѓе, кои ја преземаат одговорноста заедно со фудбалерот“, вели Ренар.

Мароко загуби со 1:0 од Португалија за да стане првиот тим кој е елиминиран од турнирот, откако го загубија и првиот меч со 1:0 од Иран. Фудбалерот го стартуваше мечот со заштитна капа, но подоцна во текот на мечот ја извади.

Амрабат помина една вечер во болница по судирот со глави во 72. минута со Иранецот Вахид Амири во петокот. Мароканскиот медицински тим тогаш реши да го „освести“ играчот со шамари и со прскање со вода, пред фудбалерот на англискиот клуб Ватфорд да биде заменет.

Светскиот синдикат на фудбалери, ФИФПро реши да реагира со соопштение.

„Ова е уште еден алармантен пример за фудбалер кој ризикува сериозна повреда. Сите медицински препораки тврдат дека тој се врати предвреме на теренот. Фудбалот не направи прогрес во грижата кон своите фудбалери“, се вели во соопштението на ФИФПро.

Можниот потрес на мозокот на Амрабат „лекуван“ со шамари! (видео)

Scroll to Top