Top Sport

АМС: ФФМ да си го усогласи Статутот со Законот за спорт

Македонската фудбалска федерација (ФФМ), в недела во Охрид треба да ги избере наследникот на Илчо Ѓорѓиоски. Изборното собрание од оваа перспектива треба да биде само формално, бидејќи за наследник на Ѓорѓиоски е пријавен само еден кандидат, актуелните в.д. претседател Муамед Сејдини.

Во пресрет на Изборното собрание, со писмо до ФФМ, реагирале од Агенцијата за млади и спорт (АМС). Во писмото од АМС предупредиле дека ќе ѝ го одземат решението за дејност спорт на ФФМ, доколку до в недела не го усогласат Статутот и другите акти со Законот за спорт.

Од ФФМ, се огласија со соопштение на интернет страницата, во кое се вели дека не се „чувствувале спокојно“и дека за барањата на АМС немало правен основ.

„Последниот допис на Агенцијата за млади и спорт до Фудбалската федерација на Македонија, во суштина претставува допис со кој се бара спроведување на обжаленото Решение пред неговата конечност, под закана за одземање на Решение за вршење на дејност спорт на Фудбалската федерација на Македонија.
За да биде појасно, Агенцијата за спорт и млади бара од Фудбалската федерација на Македонија да спроведе Решение против кое е поднесена жалба до надлежениот второ степен орган. За поднесената жалба против Решението Ип бр. 14-182/2 од 21.01.2019 година на Инспекторот за спорт уредено се известени истиот ден преку архивата на Агенцијата за млади и спорт.

Доставениот документ за извршување на не конечно решение кое е донесено од инспектор за спорт е спротивно на законот за инспекциски надзор и со тоа претставува пречекорување на овластувањата кои ги има АМС.

Дополнително ваквото дејствување во насока на спроведување под закана за одземање, односно поништување на решение за вршење дејност спорт спроти одржувањето на редовно Генерално собрание со вонреден избор на претседател на Фудбалската федерација на Македонија претставува целосно непочитување на самостојноста на Националните спортски федерации и грубо мешање во работата на Фудбалската федерација на Македонија и е спротивно на член 8 став 1 точка 3 од Уставот на Република Македонија, во кој како темелна вредност на уставниот поредок меѓу другите е и владение на правото.

Од тие причини, ние како Федерација за да постапиме по барањата од Решението потребно е Решението на инспекторот за спорт да стане конечно, за што се води управна постапка и предметот сеуште е во фаза на одлучување пред Второстепената Комисија“, стои во дел од соопштението објавено на интернет страницата на Федерацијата.

Од ФФМ нагласуваат дека ќе го почитуваат секој конечен акт на државен орган донесен во предвидена соодветн постапка.

Scroll to Top