Top Sport

Анчелоти бара англиски „рецепт“ за борбата против расизмот во Шпанија

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти побара од шпанските власти да ги искористат шемите од Англија за борба против расизмот по скандалот со Винисиус Жуниор на мечот со Валенсија.

Италијанскиот тренер е зачуден што навредите кон играчите се нормална практика во Шпанија, посочувајќи дека тоа влијае на фудбалерите и на тренерите.

„Преку глава ни е да не навредуваат секој меч. Преку глава. Тоа се случува со Чави, со Винисиус, каде што добива и расистичка димензија. Зад клупата ти викаат: ‘кучкин сине’, ‘педер’… Се надевам дека институциите ќе заземат јасен став – Ла лига и судиите исто така. Во Англија на пример не те навредуваат и тоа е бидејќи овој проблем го решиле одамна. Преземаа драстични мерки, пет години беа исфрлени од Европа. Да, и таму има изолирани случаи на расизам, но не те навредуваат. На англиските мечеви нема полиција, тука изгледа како да одиме во војна со полициски камион зад тебе. Зошто?“, вели Анчелоти.

Тој исто така ги отфрли шпекулациите дека 22-годишниот Винисус би си заминал од Мадрид поради третманот кој го добива.

„Тој знае дека неговата иднина е тука и мислата за заминување не му е во главата. Чувствува дека мора да работи за Реал Мадрид и го сака клубот. Не загубил ентузијазам. Секако, ова беше трауматично и затоа денеска не тренираше, но води нормален живот. Сите заедно ги чекаме санкциите“, додава Анчелоти.

Scroll to Top