Top Sport

Анчелоти: Евертон ќе игра атрактивен фудбал

Карло Анчелоти вели дека амбицијата на Евертон да биде меѓу најдобрите клубови во Премиер лигата го убедила да ја прифати работата во клубот од Ливерпул.

Како еден од најуспешните тренери на светот преку работата со Реал Мадрид, Милан и Челси, Анчелоти беше избркан од Наполи овој месец, пред да се согласи да го замени Марко Силва по слабиот старт на сезоната на „карамелите“. По период на стабилност под преодниот тренер Данкан Фергусон, Евертон скокна на 15. место, а амбициите ги покажа со апликацијата за нов стадион со 52.000 седишта во Бремли-Мур Док.

„Клубот сака да е конкурентен во Премиер лигата и за мене тоа беше доволно. Фактот што клубот ќе гради нов стадион покажува дека амбициите се големи. Тоа ме привлече да дојдам тука. Што ќе направиме? Ќе играме атрактивен фудбал, и долгорочната цел е да бидеме на врвот на Премиер лигата. Имам идеи за тимот и мислам дека навивачите ќе се задоволни. Помина многу време од ерата на победите, така што мораме да бидеме страствени, но со фокус. Нема да биде преку ноќ, но ќе бидеме подобри“, вели Анчелоти.

Тој потврди дека Данкан Фергусон ќе остане во неговиот тим бидејќи ги познава играчите, посочувајќи дека направил исто во ПСЖ со Клод Макалеле и во Реал Мадрид со Зинедин Зидан.

„Данкан ќе биде мој помошник, што е многу важно бидејќи ги знае карактеристиките на фудбалерите, атмосферата на тренинзите. Тоа многу ќе ми помогне. Данкан заврши одлична работа, фудбалерите покажаа дух во мечот со Арсенал“, додава Анчелоти.

Scroll to Top