Карло Анчелоти на прес-конференција пред натпреварот на Реал Мадрид со Салцбург од Лигата на шампионите ги демантираше тврдењата на шпанските медиуми дека донел одлука да го напушти Реал Мадрид на крајот на сезоната.
Тој беше многу јасен во својот одговор на прашањето за овие написи што го обиколија светот во понеделникот.
„Сакам да бидам јасен, датумот на моето заминување од овој клуб, тоа е нешто за кое нема да донесам одлука во текот на мојот живот“, изјави Анчелоти.
„Тој ден дефинитивно ќе дојде, но не знам кога. Не е до мене да ја донесам таа одлука. Тоа може да биде утре, може да биде за неколку натпревари, за една година или за пет години“, продолжи Дон Карло.
„Флорентино ќе остане во клубот уште четири години, а мојата цел е да бидам крај него него тие четири години. Значи, заедно ќе правиме проштална забава“.
Реал Мадрид во среда од 21 часот му гостува на Салцбург. Тимот од Мадрид е 20-ти во поредокот во Лигата на шампионите со три победи и три порази. Салцбург е на 32. место со пет порази и само еден триумф.