Трансферот на Касемиро од Реал Мадрид во Манчестер Јунајтед може да се смета за сигурен, иако се уште ништо не е официјално. Бразилецот веќе ги известил клубот и соиграчите за одлуката да си замине и да испроба нов предизвик, откри тренерот Карло Анчелоти.
Италијанецот најави дека Касемиро нема да биде вклучен во составот за пресметката со Селта, додавајќи дека неговото заминување нема да ги промени неговите планови бидејќи има доволно квалитетни играчи во средниот ред.
„Разговарав со него утрово. Тој сака да испроба нов предизвик, нова можност. Јас и клубот го разбираме тоа. Мора да ја почитуваме неговата одлука поради тоа што го направи за овој клуб и затоа што е фантастична личност. Се уште има разговори, ништо не е официјално, но тој сака да си замине. Му посакуваме се најдобро во следниот предизвик“, изјави Карло Анчелоти.