Реал Мадрид го очекува пеколен ритам во продолжението на сезоната. Борбата за пет трофеи започнува со три натпревари во девет дена и лов на Барселона, која има два бода повеќе од актуелниот шампион на врвот во Ла Лига.
Утре, Реал ќе гостува кај Ваљадолид во 15. коло од Примера, потоа на 3. јануари гостуваат кај нисколигашот Качерено во Купот на кралот, а на 7. јануари ќе ја заклучат серијата од три гостувања кај Виљареал во 16.коло.
Тренерот на Реал, Карло Анчелоти она што го очекува неговиот тим го најави на редовната прес конференција.
„Започнуваме маратон во кој ќе се бориме за пет трофеи во следните два и пол месеци: Ла Лига, Купот на кралот, Лигата на шампионите, Суперкупот на Шпанија и Светското клупско првенство. Нема одмор бидејќи играме на секои три дена до 19. февруари. Сите играчи се вратија по Мундијалот во Катар. Последни ни се приклучија Модриќ,Чуамени и Камавинга, тие нема да играат во Ваљадолид“.
Анчелоти потврди дека клубот нема да кушува во зимскиот преоден рок, но не ја исклучи можноста некој од играчите кои имаат помала минутажа да го напушти клубот.
Искусниот тренер откри дека не добил никаква понуда да биде селектор на Бразил. Вели дека голема чест е што го поврзуваат со Бразил, но дека и да добие понуда од Бразилците би ја одбил, бидејќи е тренер на Реал.
На крајот Анчелоти одоговри и на прашањето дали Меси е најдобриот играч на сите времиња?
„Не е фер да се каже дека е најдобар затоа што секоја ера има одлични фудбалери. На пример, јас секој ден го тренирам добитникот на Златна топка“.