Карло Анчелоти зборуваше на прес-конференцијата пред реванш натпреварот од четвртфиналето на Лигата на шампионите помеѓу Реал и Арсенал во Мадрид.
Арсенал го доби првиот натпревар со резултат 3:0. Што се однесува до Анчелоти, неговиот тим е „уште жив“.
„Имаме квалитет да ги свртиме работите во наша полза, имаме посветеност и искуство, ги имаме и навивачите. Имаме се што ни треба, сега на нас е да дадеме се од себе. Ментално, на добро место сме, треба добро да ја контролираме играта”, изјави Анчелоти на почетокот на конференцијата.
„Сантијаго Бернабеу има магија, сите знаат колку е специфична атмосферата. Утре ќе ни треба малку од се – квалитетна и комплетна изведба, физички, индивидуално и колективно. Ништо од оваа не смее да тргне наопаку. Мотивацијата е тука, а сега сакам само играчите да бидат мирни пред натпреварот. Знам дека ќе дадеме се од себе. Се разбира, секогаш е добро кога ќе постигнеш гол рано на важен натпревар. Најважно за мене е што ја имаме контролата врз играта. Се работи за обидот да се даде максимум на почетокот, да се воспостави контрола и кога го имаш тоа, можеш да постигнеш гол во секоја минута. Мора да играме сериозно. Со глава, срце, ма..ња. Мислам дека се чувствуваме добро ментално, важно е да бидеме доследни и да ја контролираме играта“, рече Анчелоти.
Натпреварот во Мадрид се игра во среда од 21 часот.