Поразот од Барселона на „Сантијаго Бернабеу“ (0:4), е единствената дамка на перфектната сезона која ја имаа фудбалерите на Реал Мадрид.
Поради ривалството секој дуел на Реал и Барселона е важен, без разлика на тоа што минатата сезона соочувањето во Мадрид, не му значеше многу на Реал. И пред дуелот со Барселона, Реал ја имаше титулата во џебот.
„Последниот натпревар не го гледав повторно, ниту ќе го споменеме посебно. Добро се познаваме, резултатот од тој натпревар не значи ништо, ова е нов натпревар. Се надевам дека ќе оставиме добар впечаток. Ова е фудбалски натпревар не се работи за борба на живот и смрт. Тоа е посебен дуел, но сезоната е долга. Единственото нешто што сакаме е да победиме“, изјави тренерот на Реал, Карло Анчелоти.
Сезоната на Реал досега беше одлична. Седум победи и едно реми во првенството, десет бода од четири натпревари во Лигата на шампионите.
Барселона има идентичен учинок во Ла Лига, но темелите се разнишани откако е извесно дека нема да игра во нокаут-фазата во Лигата на шампионите. Извесната елиминација сериозно ќе влијае врз финансиската состојба во клубот, кој должи преку една милијарда евра и кој во летниот преоден рок дополнително се задолжи.
„Не знам како тоа ќе влијае на нив, но знам дека тоа е тим кој има ресурси за добра сезона. Тоа е динамичен тим, кој игра атрактивно, како што тоа го правеше низ историјата. Се подготвуваме како за кој било друг натпревар, но секако во предвид ја имаме силата на противникот и емотивниот аспект на натпреварот, кој не треба да се заборави“, заклучи Анчелоти.
Реал, утре од 16:15 часот ќе ја пречека Барселона, во првото Ел класико оваа сезона.