Карло Анчелоти, вчера беше претставен како нов селектор на бразилската репрезентација. На неговата презентација имаше повеќе од 250 новинари, а меѓу прашањата на кои одговори беше зошто избра да го води Бразил пред Италија.
„Никој од Италијанската федерација не ме повика. Исто така, Италија веќе има одличен тренер, мојот пријател Лучано Спалети“, рече Анчелоти на прес-конференција во Рио де Жанеиро.
Анчелоти, кој ќе го прослави својот 66-ти роденден во јуни, рече дека во минатото имало повици да ја преземе Италија, но дека во тој момент не бил подготвен да се откаже од секојдневната тренерска работа.
Во текот на својата кариера, италијанскиот стратег беше шампион во сите пет најсилни европски лиги и пет пати ја освои Лигата на шампионите. Тој беше тренер на Парма, Јувентус, Милан, ПСЖ, Реал Мадрид (во два мандати), Баерн, Наполи, Челзи, Евертон…
„Многу сум горд што станав селектор на бразилската репрезентација, која со пет шампионски титули е најуспешниот тим во светот. Сега имам голема одговорност да ја донесам шестата титула“, рече Анчелоти.
Италијанските новинари беа заинтересирани како тој го објаснува фактот дека Италија, четирикратен светски шампион, не се квалификуваше за последните две светски првенства (2018 и 2022 година).
„Зависи од тоа колку среќа имате со која генерација. Во фудбалот, постојат периоди на одредени генерации. На Светското првенство во 1982 година, Бразил (Зико, Сократес, Фалкао, Едер…) го имаше најдобриот тим, а титулата ја освои Италија поради комбинацијата од талент, напорна работа…Верувам дека Италија и Бразил ќе бидат во игра за првото место на Светското првенство следната година“, оцени Анчелоти.
Анчелоти ќе го има своето деби на клупата за Бразил во квалификациските натпревари против Еквадор и Парагвај во јуни.