Францускиот напаѓач Никола Анелка во својата кариера играше за дури 12 клубови, вклучувајќи ги Арсенал, Челси, Пари Сен-Жермен, Реал Мадрид и Ливерпул, но изненадувачки вели дека неговите најдобри денови биле кога играл за Болтон!
Анелка во кариерата освои две титули од Премиер лигата, една од Лигата на шампионите и стана европски шампион со Франција, но вели дека најсреќен бил од 2006 до 2008 година кога играше за Болтон. Таму тој беше најдобар стрелец во клубот во 2006/07, кога завршија на седмото место и се квалификуваа за УЕФА купот. „Тротерс“ потоа имаа слаба сезона и беа на 16. место, но Анелка пак беше најдобар стрелец.
„Тоа беше најдобриот момент во мојата кариера. Играв со Ел-Хаџи Диуф и други Французи и ми се допаѓаше начинот на кој игравме фудбал тогаш. Едноставно – шутни и трчај! Немаше дриблање, само требаше да се бориш и да си ја бараш шансата“, вели Анелка.
По ова, Анелка замина за Челси за 15 милиони фунти и таму ја овои лигата и два трофеи од ФА купот. По ова тој играше за Шангај Шенхуа, Јувентус, Вест Бром и Мумбаи пред да се повлече во 2015 година.
Фото: ЕПА