Германската Бундеслига ќе биде прва од петте најсилни национални првенства која ќе продолжи со натпреварите по паузата од два месеци. Клубовите од Првата и Втората Бундеслига добија дозвола да се вратата на фудбалските терени на 15 мај.
Како што објави „Ројтерс“ оваа одлука ја донела германската влада на чело со канцеларката Ангела Меркел.
Од 11 мај во Германија ќе бидат релаксирани рестриктивните мерки, што значи дека и фудбалерите ќе можат да играат натпревари. Натпреварите ќе се играат без публика и со стриктно почитување на правилникот за заштита на фудбалерите.
Изминатите денови клубовите од Бундеслигата и Цвајта ги тестираа играчите на коронавирусот. Иако имаше неколку позитивни владата донесе одлука сезоната да продолжи.
Фудбал во Германија не се игра од 9 март, а до крајот на секој клуб треба да одигра уште по девет натпревари. Исто така треба да се одигра и завршницата во националниот Куп.