Top Sport

Ангеловски верува во победа над Летонија и без Елмас

По 1:1 ремито со Израел, македонската фудбалска репрезентација утре гостува на Летонија, последнопласираниот тим во нашата група во квалификациите за Европското првенство во 2020 и селекторот Игор Ангеловски очекува да се повтори резултатот од Скопје и да се стигне до втората победа.

„Го респектираме тимот на Летонија, знаеме дека имаа лош натпревар против Австрија, но понекогаш тоа не мора да значи многу. Очекувам да одиграме мотивирано, енергично и да победиме. За нас е ова многу важен натпревар, со победа на утрешниот натпревар остануваме во игра за висок пласман во квалификациската група. За мене нашата мотивација е да дојдеме до осум бода и да влеземе во егал завршница. Сите успеси се должат на квалитетот на фудбалерите, преку Лигата на нации дојдовме во бараж, а ако победиме утре, ќе бидеме со опции и преку квалификациите. Бодот со Израел ќе добие на тежина само ако ја совладаме Летонија“, вели Ангеловски.

Во мечот во Рига ќе недостасува членот на Наполи, Елиф Елмас, кој доби мала повреда на скочниот зглоб во дуелот со Израел, но и Иван Тричковски верува во триумф бидејќи нашиот тим е поквалитетен.

„Знаеме каков квалитет имаат Латвијците, но важен ни е нашиот настап. Ако мислиме премногу на нашиот ривал, си ги компликуваме работите. Затоа, мислиме како ние да одиграме најдобро. Очекувам многу од самиот себе, па потоа да се ставам во својство на тимот. Еден инвидуалец не може ништо без тимот“, изјави Тричковски.

Фото: ФФМ

Scroll to Top