Англиските фанови веќе се во транс и се гледаат со титулата од Светското првенство по убедливата и супер-лесна 6:1 победа над Панама со која го визираа патот до осминафиналето во Русија.
Оваа селекција на „трите лава“ влезе во историјата на англискиот фудбал како единствена која постигна пет гола на големо натпреварување во само еден натпревар, односно во само едно полувреме, додека малубројните навивачи на дебитантот на големите натпреварувања, Панама на стадионот во Нижниј Новгород имаа шанса само да прослават лудо кога го постигнаа утешниот гол.
Англискиот капитен Хери Кејн постигна хет-трик со два гола од пенал и еден удар кој случајно заврши во неговата нога и во голот на Панама, за сега со пет гола (за само 154 минути игра) да е најдобриот стрелец по некомплетното второ коло на шампионатот пред Белгиецот Ромелу Лукаку и Португалецот Кристијано Роналдо.
Англија и Белгија се веќе квалификувани пред својата меѓусебна пресметка, а Тунис и Панама во последното коло ќе се борат за утешна победа.
Гол-шоуто започна уште во осмата минута, кога по нафрлање на Трипиер, Џон Стоунс постигна прекрасен гол со глава. Во 22. минута, прв пенал за Англија, откако фудбалерот со чудно име Фидел Ескобар го собори Џеси Лингард одзади. Кејн беше сигурен од белата точка.
Во 35. минута веќе беше 3:0, по фантастичниот гол на фудбалерот на Манчестер јунајтед, Џеси Лингард од 20-тина метри, а во 39. минута 4:0, кога по одлична акција, Стоунс го постигна својот втор гол на натпреварот.
Англија доби подарок во 44. минута, кога судијата досуди уште еден пенал по две сомнителни ситуации во шестнаесетникот, а Хери Кејн беше сигурен за 5:0.
Кејн го комплетираше хет-трикот во 62. минута, кога шутот заврши во неговата нога (во сомнителна ситуација во која тој изгледаше дека е во офсајд) за да го комплетира хет-трикот. Селекторот Герет Саутгејт реши да го одмори капитенот и во 63. минута го извади од игра и на негово место влезе Џејми Варди.
Англичаните по ова малку го намалија темпото на игра, дозволувајќи Фелипе Балој во 78. минута да го постигне првиот гол за Панама на еден Мундијал за невидени сцени на славје кај навивачите на малата земја од Централна Америка.