До стартот на новата сезона во Премиер лигата има нецела недела, а ниту скратениот преоден рок (кој завршува в петок), не ги спречи богатите англиски тимови да доминираат со трансферите, трошејќи над 1 милијарда евра на засилувања.
Ова е петта година едноподруго, англиските премиерлигаши да потрошат над 1 милијарда евра, со вкупно 1.101 милијарди досега.
Ливерпул се на врвот оваа сезона со најскапите договори – Алисон Бекер од Рома за 75 милиони евра и Наби Кеита од РБ Лајпциг за 60 милиони евра. Шампионите Манчестер сити дадоа 68 милиони евра за Ријад Марез, а во топ 5 се и Фред (Манчестер јунајтед) и Жоргињо (Челси). Ливерпул досега потрошија 195 милиони евра, а втори изненадувачки се Вест хем со 95 милиони евра, додека новиот премиерлигаш Фулам досега има дадено 82 милиони евра на фудбалери.
На второто место во европските лиги засега е Серија А со 927 милиони евра потрошени, секако предводени од доаѓањето на Кристијано Роналдо во Јувентус. Шпанската Ла лига е само трета со 643 милиони евра, пред германската Бундеслига (415 милиони евра) и француската Лига 1 (376 милиони евра). Иронично, следна лига по трошење е англискиот Чемпионшип, односно втората лига со 148 милиони евра.