Двајцата играчи на Тотенхем, Хери Кејн и Хери Винкс се приклучија на тимскиот колега Деле Али и се повлекоа од англиската репрезентација за пријателските мечеви со Германија и Бразил, и на нивно место е повикан играчот од средниот ред на ВБА, Џејк Ливермор.
Селекцијата на Герет Саутгејт, која се квалификуваше директно на Светското првенство во Русија, игра пријателски натпревари на „Вембли“ на 10 и 14 ноември, а Деле Али се повлече уште во неделата по повредата при 1:0 победата над Кристал Палас.
Кејн доби удар во ногата во дуелот со Палас и Тотенхем не сакаат да ризикуваат со него пред дербито со Арсенал, додека Винкс доби повреда на скочниот зглоб. Отсуството на Кејн ги зголемува шансите напаѓачот на Свонси, Теми Абрахам да дебитира за Англија.