Англискиот букмејкер „Бетфред“ објави дека почна да исплаќа за облозите Манчестер сити да ја освојат Премиерлигата иако уште е декември, откако вечерва можат да се искачат на 9 поени пред Ливерпул и Челси со победа кај Брентфорд.
Иако на сите им е јасно дека тимот на Пеп Гвардиола е фаворит за четврта премиерлигашка титула под каталонскиот стручњак, сопственикот на „Бетфред“, Фред Доун вели дека трката е завршена и дека исплаќаат како сезоната да е завршена.
„Имаат шест поени пред Ливерпул и шест пред Челси. Имаат 17 гола во последните три меча. Шест во сабота, четири против Њукасл и седум против Лидс. И го имаат најдобриот менаџер на светот. Затоа исплаќаме“, вели Доун.
Ова не е првпат „Бетфред“ да се реши за ваков потег, иако имаше и грешки во минатото – во 1998 година тие исплатија дека Манчестер јунајтед се шампиони откако имаа 12 поени пред Арсенал, но „топчиите“ се вратија и ја освоија титулата со еден поен, по што Доун загуби 500.000 фунти.
Тогаш, самиот Алекс Фергусон му кажа никогаш да не исплаќа предвреме, но Доун повторно го игнорираше во 2012 кога повторно исплаќаше за Јунајтед кога имаа 5 поени предност. Но, Јунајтед пак ја загубија титулата со гол-разлика од Манчестер сити по легендарниот гол на Серхио Агуеро.