Top Sport

Англиското мега-дерби не разочара – Сити и Ливерпул со фантастично реми на „Етихад“

Борбата за титулата во англиската Премиерлига продолжува каде што застана, откако Манчестер сити и Ливерпул одиграа супер-интересно 2:2 реми на „Етихад“, кое ги оправда сите очекувања, и ги остава актуелните шампиони, „граѓаните“ во подобра позиција на седум кола до крајот.

Мечот започна фуриозно, кога обидот на Кевин де Брујне од далечина беше пренасочен и заврши во голот на Алисон по само 5 минути игра, но само осум минути подоцна, Ливерпул „покажа“ заби кога Диого Жота успеа да го совлада Едерсон за рано израмнување. Подобрата игра на Сити до крајот на полувремето донесе уште еден гол, кога Габриел Жесус во 36. минута од мечот ја измами офсајд-стапицата на Ливерпул и донесе водство за домаќините.

Ливерпул почнаа фантастично во второто полувреме и имаа повеќе од играта на почетокот, што резултираше во ново израмнување веќе во 46. минута преку Садио Мане. По ова, повторно се воспостави рамнотежата на теренот, а Ливерпул имааа среќа што ВАР-системот реагираше да го пронајде минијатурниот офсајд на Рахим Стерлинг, кој во 63. минута ја стресе мрежата.

Со ремито, борбата за титулата веќе не е директно во рацете на Ливерпул, бидејќи остануваат со поен заостанување зад Сити и ќе треба да чекаат „кикс“ на ривалите во последните седум кола.

Графика: Sofascore за Топспорт.мк

Standings provided by SofaScore LiveScore

Scroll to Top