Претседателот на Јувентус, Андреа Ањели повторно го бранеше проектот на Супер лигата, посочувајќи дека и покрај пропаста на проектот, на европскиот и светски фудбал му е потребен целосен „ремонт“.
Јувентус, заедно со Реал Мадрид и Барселона, останаа зад проектот на Супер лигата, откако другите девет клуба се повлекоа, и сега им се заканува казна од УЕФА, која најавува исфрлување од Лигата на шампионите. Ањели вели дека мора да има промени.
„Се сеќавам на предлогот од 2019 помеѓу Европската асоцијација на клубови (ЕЦА) и УЕФА, кој сметав дека е фантастичен и беше поддржан од сите клубови во втората, третата и четвртата лига. Но, ништо од тоа не беше исполнето. Морате да признаете дека европскиот фудбал е концентриран на монопол на извршна, економска и правна моќ, која останува кај УЕФА. Системот е неефикасен. Супер лигата не беше проект за преврат, туку очајнички обид да се смени системот кој беше на граница на колапс и пред пандемијата, а сега е на пат до банкрот“, вели Ањели.
Тој не стравува од казни за Јувентус, Барса и Реал Мадрид.
„Клубовите постојано бараа комуникација со УЕФА, кои постојано реагираат со затварање на вратата и со арогантни закани кон трите клуба, игнорирајќи ја одлуката на судот во Мадрид и на европскиот трибунал. Ние сме сигурни дека легалната страна на нашиот проект е солидна. Со ваков пристап, УЕФА не е подготвена за реформи. Другите спортови го сменија својот начин во минатото, како кошаркарската Евролига, која донесе големи работи за фановите, клубовите и играчите“, објаснува Италијанецот.