Иако веќе не е претседател на Јувентус, Андреа Ањели даде свото мислење за контроверзниот проект на Европската Суперлига, оценувајќи дека тоа е пат кон „одржлива и стабилна фудбалска индустрија“.
Италијанскиот бизнисмен беше еден од лидерите на проектот на Суперлигата покрај Флорентино Перез од Реал Мадрид и Жоан Лапорта од Барселона, но тој доживеа фијаско во април 2021 по лутата реакција на навивачите и на УЕФА и ФИФА, по што девет клуба се повлекоа (Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Арсенал, Тотенхем, Ливерпул, Челси, Атлетико Мадрид, Интер и Милан).
„Ако луѓето се разочарани, можам да го сфатам тоа од лична перспектива, но не од перспектива на корпорации и институции. Во моето семејство се вели дека кога нешто е добро направено дека може да биде и подобро, но дека се потребни визија и вистински луѓе на лидерските позиции. Тоа го немаме во фудбалот и може да биде предоцна. Погледнете ја разочараноста на младата генерација. Целта е да се направи одржлив проект кој ќе донесе стабилност на фудбалската индустрија на сите полиња и е за доброто на фудбалот“, вели Ањели, кој во ноември си даде оставка од позицијата во Јувентус по истрагата за финансиските неправилности во Јувентус.