Top Sport

Анри би вовел четири нови правила во фудбалот

Поранешниот напаѓач на Арсенал, Барселона и француската репрезентација Тиери Анри, по завршувањето на кариерата започна да работи како аналитичар за телевизијата Си-би-ес. Во нивното фудбалско шоу тој предложи четири правила кои според него ќе ја подобрат играта во целина. Фокусот е на зголемување на бројот на голови на натпреварите и на судиските грешки.

„Кога некој тим има поволен резултат и одбива да игра, ја исфрла топката надвор од игра, судијата треба да им даде слободен удар на противниците на 25 метри. Противничкиот тим може да избере од која позиција ќе шутира, се додека е во зоната од 25 метри. Мислам дека тоа би ги натерало екипите кои сакаат да украдат време да играат фудбал до крај“, предлага Анри.

Анри би вовел правило според кое на тимовите би им се доделувал уште еден поен доколку постигнат три или повеќе гола во натпреварите, без разлика на резултатот. На пример, Лестер и Фулам играат, а Лестер победува со 5:3. Лестер освојува четири бода, а Фулам еден затоа што постигна три гола.

Интересно е правилото кое би им овозможило на судиите јавно да се правдаат за некои свои грешки и да коментираат за некои одлуки.

„Ми пречи што судиите никогаш не објаснуваат зошто досудиле нешто, туку веднаш бегаат во соблекувалната. Понекогаш носат фантастични одлуки, понекогаш лоши. Би сакал да кажат нешто по натпреварот”, објасни Анри.

Легендарниот фудбалер предлага и привремени замени.

Ова правило би важело само доколку тимот е кратко време без играч поради медицински третман или некоја друга слична причина. Тогаш некој може привремено да дојде од клупата за да се избегне еден тим да игра со играч помалку.

Оваа идеја дури беше предложена и до раководството на Премиер лигата, но беше одбиена.

Scroll to Top