Top Sport

Анри ги напушта социјалните мрежи поради расизмот

Легендата на Арсенал, Тјери Анри објави дека ќе ги напушти социјалните мрежи додека Фејсбук и Твитер не направат нешто околу „насилното однесување, расизмот и менталната тортура“ која е премногу „токсична“ за да се игнорира.

Анри, кој го напушти тренерското место во МЛС клубот, ЦФ Монтреал, на Инстаграм реагираше по многуте расистички пораки кои ги добиваа црните фудбалери во 2021.

„Од утре наутро ќе се отстранам од социјалните мрежи додека одговорните не ги регулираат платформите со истиот жар и бес кој го покажуваат за прекршување на медиумските права. Количината на расизам, насилно однесување и ментална тортура за луѓето се преголеми за да се игнорираат. Мора да има одговорност. Лесно е да се направи акаунт, да се малтретира некој без последици и да се остане анонимен. Додека ова не се смени, ќе ги исклучам сите социјални мрежи“, напиша 43-годишниот Французин.

Фудбалот, посебно во Англија, има голем проблем со пораките кои фудбалерите ги добиваат на социјалните мрежи. Фред од Манчестер јунајтед беше мета на расистички напади по неговата грешка по која Јунајтед загуби од Лестер во ФА купот, а оваа сезона, на мета беа и неговите соиграчи Маркус Рашфорд, Антони Марсијал и Аксел Туанзебе. Ѕвездата на Кристал палас, Патрик ван Анхолт, неодамна објави дека бил нарекуван „мајмун“ на социјалните мрежи, а легендата на Арсенал, Јан Рајт, објави дека тинејџер кој расистички го навредувал на социјалните мрежи не добил кривична пријава.

Scroll to Top