Тренерот на Наполи, Антонио Конте, изјави дека клубот од Неапол мора да ги искористи максимално сите ресурси ако сака да ја освои титулата во Серија А.
Во неделата, Наполи се искачи на првото место на табелата во Серија А, откако го победи Торино (2:0) на домашен терен, додека Интер беше поразен од Рома (0:1) во Милано.
На четири кола пред крајот на првенството, клубот од Неапол е на првото место на табелата со 74 бода, додека Интер е втор со 71.
„Искрено, не го гледав натпреварот помеѓу Интер и Рома. Го гледав второто полувреме од Фиорентина – Емполи. Можете да ми верувате ако сакате, гајле ми е ако не ми верувате. Го исклучив телефонот, подоцна го дознав резултатот од натпреварот помеѓу Интер и Рома“, рече Конте.
До крајот на сезоната, Наполи ќе игра дома против Џенова и Каљари во Серија А, додека ќе гостува кај Лече и Парма. Интер ќе ги пречека Верона и Лацио во Милано, додека ќе гостува во Торино и Комо.
„Направивме еден чекор, има уште четири. Играме против тимови кои се борат за опстанок. Сè е во наши раце“, рече тренерот на Наполи.
Клубот од Неапол ја освои последната титула во Серија А во 2023 година.
„Мораме напорно да работиме, да го извлечеме максимумот од нашите ресурси. Мислам дека сите момци се подобрија. Работевме напорно во текот на сезоната и сега ги жнееме плодовите од таа работа. Имаме 74 бода, четири кола до крајот, обезбедивме место во Лигата на шампионите, кога ќе се осврнеме назад и видиме каде почнавме, ова е извонредна работа. Освојувањето на Скудетото би било неверојатно. Сите заслуги за ова им припаѓаат на момците“, заклучи Конте.