Top Sport

Апсолутно луд меч на Сардинија! Четири гола за осум минути, Каљари се врати од 1:3 на 4:3 (видео)

Каљари и Сампдорија одиграа супер-интересен меч од 14. коло во италијанската Серија А, откако домашниот тим успеа да се врати од негатива од 0:2 и 1:3 за на крајот да слави 4:3 победа со гол во 97. минута!

Мечот во Сардинија за многу италијански тимови е едно од најтешките гостувања во Серија А, но на Сампдорија им тргна одлично. Прво Фабио Кваљарела во 38. минута од пенал донесе водство за клубот од Џенова, за во 52. минута, Гастон Родригез да зголеми на 0:2 по асистенција токму на Кваљарела.

Раџа Наинголан ја врати надежта на домаќините со гол во 69. минута, но веќе во следната минута, Кваљарела повторно ги казни Каљари и ја врати предноста од два гола на Самп. Тогаш на сцена стапи Бразилецот Жоао Педро, кој во една минута постигна два гола за израмнување на 3:3.

Кога се мислеше дека мечот ќе заврши вака и домаќините ќе се задоволат со поен, Алберто Чери во 97. минута стрелаше за 4:3 победа! Со трите поени, Каљари се искачи на четвртото место на табелата со 28 поени, два помалку од третопласираниот Лацио, додека Самп е само на 17. место со 12 поени, само два поени над зоната за испаѓање.

Scroll to Top