Одеше вака: 1:0, 1:1, 1:2, 1:3, 2:3, 2:4, 3:4, 4:4, 4:5, 5:5, па 5:4 на пенали!
Со многу млади фудбалери во составот, тимовите на Ливерпул и Арсенал одиграа еден апсолутно неверојатен меч на „Енфилд“, кој на крајот по регуларните 90 минути со неверојатен резултат 5:5, пред Ливерпул да се пласираат во четврт-финалето на Англискиот лига куп со 5:4 победа на пенали.
Шкодран Мустафи уште во шестата минута си постигна автогол за водство на Ливерпул и најава за уште еден лош резултат на „топчиите“ по кризата со нивниот капитен Гранит Џака (кој не беше во тимот). Но, Лукас Тореира потоа во 18. минута израмни со помалку сомнителен гол од офсајд, пред талентираниот Бразилец Мартинели да постигне два гола за Арсенал за пресврт и 1:3 водство. Ливерпул, сепак, на полувреме отиде само со еден гол негатива, откако Џејмс Милнер погоди од пенал во 43. минута.
Месут Озил враќањето во дресот на Арсенал го прослави со одлична асистенција во 54. минута до Ејнсли Мејтланд Најлс аз 2:4, но Ливерпул потоа направи мал-камбек. Алекс Окслејд-Чембрлен во 58. минута и Дивок Ориги во 62. минута израмнија на 4:4 во меч во кој малку се мислеше на одбраната.
Најубавиот момент на мечот беше во 70. минута, кога Џозеф Вилок со еден топовски удар донесе 5:4 водство за „топчиите“, пред Ориги уште еднаш да се покаже како „џокер“ на Јирген Клоп со гол во 94. минута за да примора пенали.
Во пенал-серијата „несреќен“ за Арсенал беше Дани Себалјос, што беше доволно Ливерпул да се „спаси“ во неверојатен меч.