Апсурдноста на долгогодишниот конфликт на Русија и Украина кој оваа година прерасна во војна можеби најдобро се покажува преку случајот на Јарослав Ракицкиј, фудбалер кого Украинците долго време го сметаа за предавник, но сега стана херој по заминувањето од Зенит Санкт Петерсбург.
Ракитскиј е роден во источниот дел од Украина во семејство кое зборува руски во 1989 година, пред распадот на Советскиот Сојуз. Кога неговите родители се разведоа, неговиот татко повторно се ожени и се пресели во Санкт Петерсбург, град кој стана негов втор дом.
Првиотдом беше Доњецк, каде што се приклучи на академијата на Шахтјор на 13 години и набргу беше промовиран во еден од најголемите таленти. Во 2009 година, Мирчеа Луческу му даде шанса во првиот тим, кој беше одбележан со Бразилци во нападот, но Украинци во одбраната. Со својата сила и фантастично чувство за додавање, тој стана локален херој и освои титули во првите пет сезони со клубот.
Иако имаше обиди за трансфери, тој изјавуваше дека го сака Доњецк и дека не сака да замине, додека целиот клуб не се пресели од градот во 2014 по конфликтот во Донбас.
Тогаш работите се сменија. До 2014 тој беше херој на репрезентацијата и не пречеше што не ја пее химната, но потоа беше пречекуван со свирежи и прогласен за „предавник“. Притисокот траеше до 2019 година, кога направи трансфер во Зенит, клуб во сопственост на руската компанија „Газпром“. Реакциите на социјалните мрежи беа брутални, тој веднаш беше исфрлен од репрезентацијата, а неговото име избришано од веб-сајтот на Украинската фудбалска федерација.
„Не сакам да се мешам во политика, но знаев што да очекувам. Го сфаќав тоа и ја направив одлуката. Се надевам дека Андриј Шевченко ќе ме повика во репрезентацијата, а не некои политичари“, изјави тој во 2019.
Во Зенит, тој играше покрај Анатолиј Тимошчук, уште еден поранешен фудбалер на Шахтјор и еден од најдобрите украински фудбалери во неговата генерација со рекордни 144 настапи за репрезентацијата. Тој го освои УЕФА купот со Зенит во 2008, но од 2014 тој беше прогласен за предавник кога се приклучи на Зенит како помошник тренер во 2017.
Украинската фудбалска федерација не попушти и не дозволи Ракитскиј да се врати во репрезентацијата, а се верува дека и на селекторот Шевченко не му беше продолжен договорот по ЕУРО 2020 поради тоа што со своите играчи зборувал на руски.
Зенит потврдија дека Ракитскиј замина од клубот поради „семејни причини“ и му посакаа најдобро во иднината, а тој на својот Инстаграм во четвртокот напиша: „Јас сум Украинец. Мир за Украина. Сопрете ја војната“. Ова беше негов прв пост на социјалните мрежи на украински јазик, а потоа го направи профилот „приватен“, невообичаено за фудбалер.