Аргентинската фудбалска асоцијација (АФА) одлучи да се откажат сите професионални натпреварувања поради корона вирусот, три дена откако слична одлука донесоа и во Холандија.
„Сите натпреварувања се завршени, а утре ова официјално ќе биде ратификувано од извршниот комитет на федерацијата. Ќе се вратиме на терените кога здравствените власти ќе ни дадат зелено светло. Кога ќе дојде вистинско време“, вели претседателот на АФА, Клаудио Тапија.
Бока јуниорс веќе ја освоија титулата од Суперлигата во март, додека тимот на Диего Марадона, Гимназија Ла Плата заврши на 19. место во лигата со 24 екипи. Но, вториот дел од сезоната во аргентинскиот фудбалски систем, Копа де ла Суперлига, само што започна и требаше да трае до 31 мај.
Според порталот „Оле“, испаѓањата од лигата се „одложени“ во следните две сезони, но два тима ќе влезат од втората лига, со што Суперлигата ќе брои 26 тима во 2020/21 и 28 клуба во 2021/22.
Бока јуниорс, Ривер Плата, Расинг клуб и Аргентинос јуниорс се квалификувани за Копа Либертадорес 2020/21, додека Велез Сарсфилд, Сан Лоренцо, Њуел олд бојс, Талјарес, Дефенса и хустисија и Ланус одат во Копа Судамерикана.