Одлуката вториот меч од финалето на Копа Либертадорес помеѓу Ривер Плата и Бока јуниорс да се игра на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид беше контроверзна во Јужна Америка, но тоа не значи дека организаторите ќе имаат проблем да го наполнат стадионот на Реал Мадрид.
Во недела во 20.30 часот ќе „гори“ во Мадрид, откако според шпанските медиуми веќе има 150.000 барања за билет за мечот кој ќе го одлучи шампионот на Јужна Америка по скандалозните случувања во Буенос Аирес и нападот на автобусот на Бока од страна на хулиганите на Ривер. Шпанските медиуми тврдат дека федерацијата морала да ги „исклучи“ телефоните поради многубројните јавувања.
Иако проценките велат дека за пат од Буенос Аирес до Мадрид ќе бидат потребни минимални 1.500 евра за само авио-билет, на стадионот сигурно ќе биде дел од аргентинската емиграција во Мадрид, која брои околу 70.000 луѓе.