Иако не му оди најдобро во шампионатот, Џенаро Гатузо доби поддршка за работата која ја завршува со Милан, откако легендарниот тренер Ариго Саки оцени дека Рино ја врати душата и достоинството на „росонерите“.
Гатузо беше донесен во клубот лани како замена за Винченцо Монтела, и успеа да избори место во Лига Европа, но новата сезона повторно донесе нови проблеми, нови слаби резултати и нови прашања околу неговата иднина. Сепак, со добра серија, тој ги крена Милан во топ 4 во Серија А и Саки, кој двапати ја носеше европската титула на „Сан Сиро“, вели дека Гатузо треба да добие пофалби за својата работа.
„Рино е феномен – тој ја врати душата на Милан. Игра убав и позитивен фудбал и единствено му недостасува малку повеќе брзина и повеќе пресинг на противникот. Ги научи фудбалеритеда не се предаваат и да играат до последната минута. Тој е човек кој би го дал животот за фудбалот и неговите играчи. Го врати достоинството кое тимот го загуби пред него и ги научи што значи да се игра за Милан“, вели Саки за „Газета дело спорт“.
Во недела, Милан има тежок предизвик во актуелниот шампион Јувентус и Саки вели дека не треба да се плашат од моќниот противник.
„Повредите го раскинуваат Милан, но треба да застанат, да ги погледнат Јуве во очи и да не се плашат. Не можат да играат пресинг, но не треба само да се бранат“, додава Саки.