Легендарниот тренер на Милан, Ариго Саки кој сега работи, со полни 74 години, како повремен ТВ коментатор во Италија даде телефонско интервју за „Газета“.
„Добро сум, здравјето ми е ок, но се друго во Италија е ужас. Во мојот мал град (живее во Фусињоне, кај Равена) се уште некако се држиме, не е како во Бергамо или Милано, но нема ден да не почине некој кого го познавам. Пријател или познаник. Сега не е време за размислување за фудбал. Првпат во последните 50 години не сум во фудбалот. Фудбалот стои. Одговорните нека си ги заморуваат главите со датуми и календар“ рече Саки.
Во неговото телефонско интервју прокоментира и за Милан и за напуштањето на клубот (или отказот) на Звонимир Бобан.
„Денес вредностите се свртеа. Жал ми е за Звоне Бобан кој токму поради тоа кратко беше во Милан. Дојде време кога еден Милан мора да се огледа на Аталанта. На Милан му требаат играчи со срце и гордост. Тоа денес го нема“ заклучи трофејниот Италијанец.