Екипата на лондонски Арсенал ги собра првите 3 бода во новата сезона во Премиерлигата. Избраниците на Микел Артета во лондонскиот дуел против новиот учесник во елитата, Фулам триумфираа со резултат 3-0.
Првиот гол во новата сезона во Премиерлигата беше дело на францускиот голгетер Лаказет. Се играше 8 минута кога при една мешаница пред противничкио гол тој најдобро се снајде и ја смести топката во мрежата за 1-0.
Во вториот дел „топчиите“ продолжија со доминацијата, а во 49 минута веќе беше 2-0 за Арсенал. По една нафрлена топка од новото засилување Вилијан, Габриел беше највисок во шеснаесетникот, и по средината на голот погоди за солидно водство за гостинската екипа.
Се чини сите надежи на домаќините дека можат да фатат резултатски приклучок ги сруши најдобриот стрелец на Арсенал минатата сезона, Обамејанг. Во 57 минута повторно на асистенција на Вилијан, Обамејанг од левата страна шутираше прецизно во спротивниот агол на голот на Фулам за конечни 3-0.
„Топчиите“ имаа одлично отворање на сезоната, а Фулам уште на стартот на новиот предизвик остане без бодови и без постигнат погодок. Најдобриот стрелец на екипата во минатата сезона, Александар Митровиќ во игра влезе дури во 67 минута.