Арсенал на Микел Артета имаше слатка одмазда против Евертон, клубот кој им го нанесе само третиот пораз оваа премиерлигашка сезона пред неполн месец, доминирајќи за 4:0 победа на „Емирати“ со која се одвојуваат на пет поени пред Манчестер сити.
Во тешкото прво полувреме, „топчиите“ се распукаа во финишот – Букајо Сака во 40. минута и Габриел Мартинели во 45. минута осигураа 2:0 предност пред паузата.
Капитенот Мартин Одегард во 71. минута зголеми на 3:0, за Мартинели да го забележа и вториот гол во 80. минута за конечни 4:0.
Ливерпул, пак, го скршија отпорот на Вулверхемптон во последните дваесетина минути игра за 2:0 победа и за искачување на шестото место на табелата по четвртата победа во последните пет меча. Виргил ван Дајк беше највисок во скокот во 73. минута за водство за „црвените“, пред само четири минути подоцна Мохамед Салах да стави точка на мечот.