Top Sport

Арсенал ќе плати 100 милиони за Бенјамин Шешко

Арсенал е подготвен да му понуди на РБ Лајпциг 100 милиони евра отштета за словенечкиот голгетер Бенјамин Шешко (21), објавија британските медиуми. Спортскиот директор на „топџиите“, Андреа Берта, веќе се сретна со претставниците на Лајпциг, кои не брзаат да го продадат Шешко, бидејќи неговиот договор е со важност до јуни 2029 година.

Планот на Арсенал е да биде активирана опкупната клаузула, која треба да изнесува околу 80 милиони евра. Раководството на Арсенал е подготвено да ја надмине таа сума бидејќи верува во огромниот потенцијал на репрезентативец на Словенија, кој постигна 21 гол и шест асистенции оваа сезона.

Арсенал заврши на второто место во Премиер лигата и беше елиминиран во полуфиналето на Лигата на шампионите. Управата и тренерот Микел Артета се решени дополнително да го засилат тимот, за да можат наредната сезона да ги исполнат своите цели, пред се да ја освојат титулата во Премиер лигата.

За да го остварат ова, британските медиуми тврдат дека Арсенал нема да штеди на пари.

На 16-годишна возраст, Бенџамин Шешко се пресели од Домжале во австрискиот Ред Бул Салцбург за два и пол милиони евра во летото 2019 година. По четири сезони во Австрија, во јули 2023 година, тој се пресели во сестринскиот клуб, германски Лајпциг, кој за него плати 24 милиони евра.

Словенечкиот селектор Матјаж Кек го воведе во репрезентацијата во 2021 година кога имаше 18 години и досега одигра 41 натпревар во репрезентацијата и постигна 16 гола со шест асистенции.

Scroll to Top