Менаџерот на Арсенал, Микел Артета ги критикуваше своите фудбалери откако втор меч едноподруго пропуштија 2:0 водство за да одиграат 2:2 реми, со што ја направија борбата за титулата неизвесна посебно пред гостувањето кај Манчестер сити на 26 април.
Само една недела по 2:2 ремито со Ливерпул на „Енфилд“, изгледаше дека „топчиите“ освоија три поени кај лондонскиот ривал по раното 2:0 водство, но потоа дозволија Вест хем да се врати, а Букајо Сака утна пенал за лошо попладне.
„Пак почнавме екстремно добро. Доминиравме во мечот, на теренот и постигнавме два прекрасни гола. Меѓутоа, потоа направивме голема грешка и престанавме да играме со иста цел за трет и четврт гол мислејќи дека ќе можеме да се поигруваме со нив и да го заддржиме резултатот. Тогаш им дадовме надеж. Потоа имаш момент да одиш на 3:1 по 50 минути игра, но две минути подоцна примаш гол. Тоа е фудбалот. Грижата ми е што на 2:0 не сфативме што е потребно во мечот“, додава Артета.