Фудбалерот од средниот ред на Барселона, Артур Мело, јасно му порачал на каталонскиот тим дека веќе нема интерес да игра за нив и одбива да се врати од Бразил, јавува порталот „Гол“.
Артур ќе замине во Јувентус во договор вреден 72 милиони евра во трампа за Миралем Пјаниќ, но неговиот договор со Барселона трае до крајот на сезоната во Лигата на шампионите. Тренерот Кике Сетиен им даде одмор на играчите по второто место во Ла лига и 23-годишниот Артур се вратил во Бразил и одбива да се врати за вториот меч против Наполи во осминафиналето на ЛШ на 8 август.
Барселона го предупредила играчот дека го прекршува договорот и дека ќе следува финансиска казна, но тој решил веќе да не го облече дресот на Каталонците.
Артур пристигна на „Ноу Камп“ од Гремио за 40 милиони евра во 2018, и имаше 72 настапи за тимот, од кои 28 оваа сезона. Неговото отсуство ќе претставува проблем за Сетиен, бидејќи во составот ги нема Серхио Бускетс и Артуро Видал поради жолти картони.