Top Sport

АС: Чави ќе добие отказ, со една изјава ги налутил клупските челници

Чави во јануари објави дека ќе ја напушти Барселона, но неколку месеци подоцна постигна договор со претседателотнна клубот да го предводи тимот и наредната сезона. Сепак, како што тврдат шпанските медиуми, Лапорта ќе го избрка тренерот.

Чави на прес-конференцијата пред неважниот првенствен натпревар со последнопласираната Алмерија, како што пишува „Марка“ започнал цунами во клубот, додека „АС“ е многу поконкретен и пишува дека лутиот претседател Лапорта наредил спортскиот директор Деко да започне потрага по нов тренер.

„Кадена СЕР“, најслушаната радио станица, се согласува со овие пишувања:

„Раководството на Барселона врши голем притисок врз Лапорта да го отпушти Чави. Од тренерот и неговиот персонал е побарано да го напуштат клубот“.

Во изјавата со која си го потпиша отказот, Чави кажа дека Барселона нема пари да се натпреварува со Реал и дека се неопходни засилувања за да се обиде, а ги потсети навивачите дека оваа Барселона нема никаква врска со онаа од трофејното минато:

„Навивачите мора да разберат дека оваа Барселона не е онаа од пред 25 години. Во минатото тренерот на Барселона ќе му кажеше да претседателот: „Го сакам овој играч, а може да го донесеме и овој“. Тоа повеќе не е така. Но, мораме да го засилиме тимот ако не сакаме се да остане како што е сега.

Во спротивно ќе ни биде многу тешко да се бориме против Реал и во Европа. Не можете да напредувате ако нема одредени промени во тимот. Ќе се обидеме да се справиме со Реал. Сепак, мислам дека навивачите на Барселона мора да сфатат дека ситуацијата е многу тешка, особено на економски план. Не сме на исто ниво со другите врвни клубови. Тоа треба да го сфатат навивачите. Тоа не значи дека нема да се бориме, но ситуацијата е таква што ни треба стабилност и време. Ќе се обидеме со се за да се справиме со Реал следната сезона“.

„АС“, пишува дека челниците на Барселона полудела по оваа изјава на тренерот. Не само затоа што легендата и тренерот на клубот испраќа толку очајна порака на песимизам, три месеци пред стартот на новата сезона, туку затоа што „Чави зборувал сосема поинаку на состанокот во куќата на Лапорта кога го убедија да остане. Неговата презентација била полна со верба во тимот и ресурсите што ги има и тогаш истакнал дека се потребни само неколку лесно остварливи промени за тимот да стане уште подобар.

„Јавно искажаната радикална промена во неговиот настап предизвикала толкава огорченост кај Лапорта и Деко, што тие решиле да не патуваат во Алемрија“.

Чави минатата сезона ја предводеше Барселона до титулата во Ла Лига, но оваа сезона не успеа да ја одбрани против Реал. Најголемиот ривал го повбеди и во финалето во Суперкупот на Шпанија, а во Купот на кралот, Барселона беше елиминирана во четвртфиналето. Во оваа фаза Барселона доживеа елиминација и во Лигата на шампионите.

Scroll to Top