Зинедин Зидан вчера поднесе оставка на тренерската функција во Реал. Неговото заминување го стресе фудбалскиот свет, а медиумите се обидуваат да ги откријат причините поради кои францускиот стратег решил да замине од „Сантијаго Бернабеу“.
Реал, во саботата во Киев, го победи Ливерпул со 3:1 и ја освои третата титула по ред во Лигата на шампионите. Оваа титула е трета во две и пол годишната ера на Зидан на клупата на „кралскиот клуб“, што го прави еден од најуспешните тренер во историјата на славниот клуб.
Тајмингот што го одбра Зидан да го напушти клубот е она што ја шокираше фудбалската јавност низ целиот свет.
Весникот „Ас“, тврди дека 45-годишниот тренер не се согласувал со претседателот на клубот, Флорентино Перез, околу трансферите, поради што решил да поднесе оставка. Исто така, Зидан, бил загрижен околу иднината на Кристијано Роналдо и Герет Бејл во клубот.
Челниците на Реал, долго време се обидуваат да донесат нов голман, иако Зидан во секој момент му ја даваше својата поддршка на Кејлор Навас. Зидан, во јануари, го стопирал веќе договорениот трансфер на младиот голман на Атлетик Билбао, Кепа Аризабалага.
Зидан не се согласувал ниту со идејата на Перез во тимот да ги донесе Роберт Левандовски и Нејмар. Сега веќе екс тренерот на Реал сметал дека овие двајца не му се потребни на тимот, односно дека Реал и без нив располага со одличен напаѓачки потенцијал.
Како причина за заминувањето се наведува и разочараноста на Зидан во раководните структури, бидејќи не добил поддршка од клубот, во моментите кога медиумите пишуваа за негова смена по елиминацијата од Леганес во четврт-финалето на шпанскиот Куп. Тогаш медиумите пишуваа дека Зидан ќе добие отказ и најавуваа дека Јоаким Лев или Маурицио Почетино ќе биде новиот тренер.
Зинедин Зидан Реал го напушти со девет освоени трофеи за два и пол години минати на кормилото на „кралскиот клуб“.