Поранешниот тренер на Барселона, Кике Сетиен, немаше најдобро деби на клупата на Вилјареал, откако „жолтата подморница“ загуби со 1:0 на тешкото гостување кај Атлетик Билбао.
Сетиен беше донесен како замена за Унаи Емери, откако баскискиот тренер реши да ја прифати понудата на Астон вила, и првиот меч мораше да го игра на „Сан Мамес“, каде што никогаш не се освојуваат лесно поени. Интересно, на клупата на домаќините седеше уште еден поранешен тренер на Барселона, Ернесто Валверде, кој доби отказ од Каталонците да биде заменет токму од Сетиен.
Трите поени за Атлетик ги осигура Ињаки Вилијамс со голот во 59. минута од мечот за прв триумф по лошата низа од четири меча без победа, со кои се искачуваат на петтото место на табелата со 21 поен. Вилјареал се на осмото место со 18 поени.