Ерлинг Халанд, сезонава урна неколку рекорди во Премиер лигата, како играч на Манчестер сити, но наводно имал голема желба во иднина да го облече дресот на Реал Мадрид.
Халанд, минатата сезона за 60 милиони евра од Борусија Дортмунд се пресели во Манчестер сити. Од оваа перспектива јасно е дека донел добра одлука.
Новинарот на британски „Атлетик“, Марио Кортегана, задолжен да ги следи случувањата во Реал Мадрид, открива што се случувало минатото лето.
„Стратегијата на Сити во трансферот на Халанд ја осмисли и ја водеше главниот оперативец Омар Берада и спортскиот директор Чики Бегиристајн. Тие го убедлие фудбалерот и неговото семејство дека тој тешко ќе добие шанса во Реал додека таму е легендарниот Карим Бензема. Згора на тоа минатото лето со Реал се поврзуваше и Килијан Мбапе.
Запомнете, неговото доаѓање во Реал изгледаше сигурно пред една година. Затоа Халанд, иако цел Дортмунд знаеше дека сака да премине во Реал, го избра Сити. Се плашеше дека француското дуо во Реал ќе му ја одземе минутажата, статусот и медиумското внимание“, тврди новинарот Кортегана.
Во својот текст тој пишува: „ Халанд сепак сам одлучува за својата иднина. Од сигурни извори дознаваме дека во летото следната година може да го напушти Сити за 200 милиони евра, додека во летото 2025 година цената паѓа на 175 милиони евра. Двете клаузули важат за клубовите надвор од Англија. Во Реал со неверување реагирале на овие услови. Но, тие сè уште внимателно го следат Халанд и многу добро се сеќаваат како неговиот татко Алф-Инге бил импресиониран од клубот и тренинг кампот на Реал кога ги посетил во пролетта 2021 година во друштво на покојниот Мино Раиола, тогашниот менаџер на неговиот син.“
На крајот новинарот Кортегана заклучува: „Реал сè уште го сака Халанд, а чувствата се обострани. Затоа одржуваат коректни односи бидејќи во иднина би можеле да ги здружат силите“.