Фудбалерите на Атлетико Мадрид во средата го декласираа Кадиз (5:1) и со нови три бода се искачија на второто место на табелата во шпанското првенство. Диего Симеоне, најплатениот тренер во Европа, кој беше мета на бројни критики од шпанската јавност на стартот од сезоната, по натпреварот зборуваше за медиумите.
За „Јорганџиите“, головите во убедливата победа ги постигнаа Антоан Гризман (двапати), Алваро Мората, Јаник Караско и Науел Молина.
По натпреварот, новинарите го прашаа Чоло како се чувствува поради тоа што во поредокот го престигна Реал Мадрид, актуелниот европски шампион.
„Тоа не ми значи многу. Честопати во минатото завршувавме сезони пред Реал и тоа не е случајно. Со години покажуваме дека работиме напорно, а сега треба да се обидеме да одиме што подалеку“, изјави Диего Симеоне, кој на клупата на Атлетико е од 2011 година.
Аргентинецот се осврна и на критиките од стартот на сезоната.
„Иднината ќе покаже дали биле во право. Нема да заборавиме дека многумина престанаа да веруваат во нас. Многумина не ни веруваа. Фудбалот е променлив и не треба да зборуваме прерано. Фудбалот е она што се случува на крајот од сезоната, а не во текот на неа. Знам што барам, знам на што работам и не ми е гајле што мислат другите. Знаев дека нашиот тим ќе понуди одговор“, изјави 53.годишниот стручњак од Буенос Аирес.
Атлетико игра во одлична форма од почетокот на годината. Тимот на Симеоне на последните 17 натпревари од можните 51 освои 42 бода, забележа 13 победи, доживеа само еден пораз, неодамна од Барселона.
Атлетико на табелата има 13 поени помалку од лидерот Барселона, а во следното 34. коло од Примера ќе му гостува на Елче кој и теоретски испадна во Сегунда.