Атлетико Мадрид, во Ест Ратефорд во државата Њу Џерси, го декласира градскиот ривал Реал со 7:3 (5:0). Клучен човек во демолирањето на „кралскиот клуб“ беше Диего Коста кој постигна четири гола, а потоа беше исклучен заедно со Дани Карвахал поради неспортско однесување.
Новиот Атлетико на Диего Симеоне во натпреварот одигран во рамките на Меѓународниот Куп на шампионите го понижи Реал. Успеаја „јорганџиите“ да сместат седум топки во мрежата на „кралскиот клуб“, а според шансите што ги имаа можа да постигнат уште најмалку пет гола.
Многу сериозно Атлетико влегоа во натпреварот, за разлика од ривалите во бело, кои делуваа како рекреативен тим. Во првата минута Диего Коста го отвори резултатот по асистенцијата на Жоао Феликс. Само седум минути подоцна Португалецот за кого Атлетико платија 126 милиони евра го постигна својот деби гола за „јорганџиите“ и зголеми на 2:0.
Во 13 минута резултатот беше 3:0, голот го постигна Анхел Кореа, а во 28 и 45 минути Диего Коста го комплетираше хет-трикот. Покрај головите Атлетико имаа уште три големи шанси за постигнување на гол. Монотонијата кај Реал ја растури Винисиус Жуниор кога во средишницата на полувремето го погоди дирекот.
На почетокот на вториот дел Диего Коста го постигна својот четврти гол, а шести за Атлетико. Првиот гол за Реал е дело на Начо во 59 минута, а веднаш потоа тренерите извршија голем број на измени.
Витоло во спринт мина речиси 60 метри и го постигна седмиот гол за Атлетико, а во самиот финиш, во последните пет минути Бензема и Санчез го посравија конечниот резултат.
Во 65 минута црвени картони добија Диего Коста и Дани Карвахал. Десниот бек на Реал грубо стартуваше врз Лемар, Диего Коста тргна да го брани соиграчот па го закачи Карвахал по нозете. Настана мешаница на теренот, а главниот судија ги исклучи споменатите двајца играчи.