Претседателот на Атлетико Мадрид, Енрике Сересо побара навивачите на неговиот клуб да не го искористат саботниот меч со Барселона како поле за политички протест по тензиите околу референдумот за независност на Каталонија.
Барселона доаѓа во Мадрид првпат по референдумот на 1 октомври, откако тој ден мечот против Лас Палмас на „Ноу Камп“ го играа пред празни трибини откако лигата не им дозволи да го одложат мечот.
Навивачката група на Атлетико „Френте Атлетико“ најавија дека ќе донесат огромни шпански знамиња на новиот стадион „Ванда Метрополитано“ специјално за посетата на Барса. Но, натпреварот и покрај ова не е прогласен за меч од висок ризик, бидејќи нема да присуствуваат навивачи на Барселона поради договорот на двата тима за распределбата на билетите.
„Сакам мечот да се одигра со ист спортски дух како и секогаш. Саботниот меч не е политичка демонстрација, туку обичен фудбалски меч. Атлетико ја освои титулата на Ноу Камп во 2014 година и цел стадион ни аплаудираше, така што тоа не смееме да го заборавиме“, вели Сересо.
Барселона се единствениот тим кој Диего Симеоне не успеал да го победи откако стана тренер на тимот во 2011 година. Во претходнтие 11 лигашки дуели тој нема ниту една победа, иако двапати ги елиминираше Каталонците од Лигата на шампиони.
„Тие секогаш постигнувале еден гол повеќе од нас, и биле одлучувачки подобри во клучните моменти. Но, сега е време и тоа да се смени“, вели Симеоне.