Вчера започна новата сезона во Лигата на шампионите, а вечерва со натпреварите што ќе се одиграат во групите А, Б, Ц и Д ќе биде комплетирано првото коло. Дерби мечевите се играат во Париз и Мадрид, финалистот од минатата сезона Тотенхем ќе гостува во Атина, а во елитата ќе дебитираат фудбалерите на Аталанта.
Пари Сен Жермен ќе го пречека Реал Мадрид со многу кадровски проблеми, но во ништо подбра ситуација не е ниту клубот од Мадрид. Двајцата најскапи и најдобри играчи на „светците“ нема да бидат во составот, Мбапе е повреден, а Нејмар суспендиран. Шанса се отвора Икарди да го започне натпреварот.
На спротивната страна Зидан има еден куп повредени играчи, а суспендирани се Рамос и Начо. Тренерот на Реал најави дека најголемото засилување во летниот преоден рок Азар е подготвен да го започне натпреварот.
Атлетико на „Ванда Метрололитано“ ќе го пречека италијанскиот шампион Јувентус. Минатата сезона овие екипи играа во осмина-финалето, Атлетико победи во Мадрид 2-0, а во реваншот три гола постигна Роналдо и ги однесе Јувентус во наредната фаза.
Во претсезоната овие екипи одиграа контролен меч во Стокхолм, кој заврши со победа на Атлетико 2-1.
Далгас Коста нема да биде во тимот на Јувентус поради повреда, а неизвесен е настапот на Пјаниќ, кој во саботата против Фиорентина беше заменет во 44 минута.
На другата страна шпанските медиуми под знак прашалник го ставаат настапот на голманот Облак, кој не го заврши мечот против Реал Сосиедад.
Инаку и Пјаниќ и Облак вчера и завчера тренираа со соиграчите.
Вечерва во Лигата на шампионите ќе настапат и две екипи од просторите на поранешна Југославија Динамо Загреб и Црвена ѕвезда.
Хрватскиот шампион на „Максимир“ во Загреб ќе ги пречека дебитантите од Бергамо, екипата на Аталанта. Се очекува полн стадион и најмалку 3.000 навивачи на Аталанта.
Црвена ѕвезда прв пат по 1991 година и полу-финалето во тогашниот Куп на европските шампиони ќе гостува во Минхен. Баерн се апсолутни фаворити, но играчите на белградскиот тим истакнаа дека нема да излезат со бело знаме.
19 часот:
Група А: Клуб Бриж – Галатасарај
Група Б: Олимпијакос – Тотенхем
21 часот:
Група А: Пари Сен Жермен – Реал Мадрид
Група Б: Берн Минхен – Црвена ѕвезда
Група Ц: Динамо Загреб –Аталанта
Шахтјор – Манчестер сити
Група Д: Атлетико Мадрид – Јувентус
Баер Леверкузен – Локомотив Москва